Беше само прашање на време кога оваа ситуација со корона вирусот и прекинот на спортските настани да имаат погубни последици за многу клубови. Меѓу нив е и еден од најуспешните хрватски клубови, загрепска Цибона. Кошаркарскиот клуб, некогашен шампион на Европа, падна под притисокот и поради недостиг на финансиски средства одлучи да преземе радикални мерки односно ја отпушти целата работна заедница, вклучувајќи го и тренерот Иван Велиќ и неговите помошници.

Засега нема информација што ќе биде со играчите кои и понатаму се на платен список, но ако кризата се одолговлечи и тие може да останат без работа.

Директорот на Цибона Домагој Чавловиќ објасни дека ситуацијата не е така драматична како што се чини.

„Тоа не се откази, туку мерки. Кога ситуацијата ќе се нормализира, сите се враќаат на работа“, изјави Чавловиќ.

Но прашање е колку од нив после оваа „мерка“ ќе бидат расположени за враќање затоа што клубот ги остава без пари во наредните два-три месеци, а може и повеќе.