Горан Пандев, или Гранде Пандев веќе 16-17 години игра на врвно ниво во Италија, во Серија А. Смени неколку клубови, сега е во Џенова, има титула со Интер има и неколку куп пехари, но има постигнато 92 гола. Нема што, импресивен биланс. Сите убави, сите важни, сите се мало ремек – дело. Од близина, од далечина, од слободни удари, нема од каде тој ја нема тресено противничката мрежа на Чизмата. Познато е старото фудбалско правило, во Калчото се е тешко, но најтешко е да се постигне гол. А тоа Пандев го направил во 92 наврати. Да се надеваме дека ќе стигне и до „стотката“.

Ние како „најшмекерски“ го издвојуваме  оној против Јувентус, клуб кој му е редовен пациент на нашиот феномен, постигнат на 5 декември 2004 година. И тоа на „Деле Алпи“, и тоа среде Торино. Тогаш Пандев како фудбалер на Лацио, во таа 11.минута против себе ја имаше целата одбрана на домашните (Зебина, Турам, Канаваро, Ѕамброта). Прво си поигра со одбраната, потоа на дел од „јувентините“ им ја „скрши кичмата“, па следуваше шутот низ „ушите“ на Џиџи Буфон. Драги читатели, најубаво на видеото да погледнете како тоа Пандев си „игра“ со Јуве.

На крај да кажеме дека тој меч домашните сепак го добија со 2:1. Сепак ретко кој тоа го памети, овој гол на Пандев остана во сеќавањето како нешто фантастично.