Првиот голем пехар битолски Пелистер во самостојна Македонија го освои на 25 мај 1994 година. Битолчани тогаш во младинското Куп финале, што се одигра на „Градскиот стадион“ во Скопје пред 3.000 гледачи, беа подобри од Силекс и славеа со 4:0.

Стрелци беа Момировски во 7.минута, Христов во 14. и 52., и Димитровски во 55.минута. По мечот на капитенот на битолчани Ѓорѓи Христов, пехарот му го предаде потпретседателот на тогаш ФСМ, Ѓорѓи Атанасовски. Инаку Христов, кој подоцна имаше блескава кариера, кога се играше овој натпревар имаше само 18 години.

Пелистер настапи со Трајчевски, Митревски, Стоилковиќ, Г. Момировски, Ѓуровски, Бебековски, Делов, Христов, И. Момировски, Штериевски. Тренер на екипата од Битола беше Сашо Илиевски. 

Силекс пак мечот го почна со Димитровски, Атанасов, Лазаровски, Димитриевски, Јанковски, Петров, Сентов, Ецковски, Коњановски, Стаменов, Ковачевски. Тренер на Силекс на тој натпревар беше Момчило Митевски. 

По мечот имаше големо славје во Пелистер, но и во Битола. Ако сениорите не можеа во Куп финалињата да слават во 1993 (пораз од Вардар), 1994 (пораз од Силекс), тогаш младинците стапија на сцена и ги израдуваа своите сограѓани.