Александар Тодоров, селекторот на нашиот машки национален тим, долго време „одолеваше“ на овие кризни денови. Практично, во последен момент ја напушти Романија, и се врати дома, во Македонија.

Но со одредени последици, затоа што новите законски мерки го принудија првиот месец по пристигнувањето да биде одвоен од светот, не само оној кошаркарскиот…

Беше 14 дена во карантин, сега уште толку ќе мора да ги помине во домашна изолација.

„Чувството е поинакво кога си дома, се надевам дека по истекот на овие две седмици, бројот на заразени и починати ќе се намали и дека ќе тргнеме кон постепено враќање кон нормалниот начин на живот“- посакува предводникот на нашиот национален тим, кој открива како успеал да стигне до дома.

„Немав големи проблеми со транспортот, имаше мал проблем поради тоа што граничниот премин каде влегувам во Србија беше затворен, па мораше да патувам преку Софија, маршрута која е подолга за околу два часа од таа низ Србија. Потоа во точно одредено време мораше да бидам на граничниот премин Деве Баир, од каде во конвој, со полициска придружба бевме однесени во карантин во хотелот ’Ибис’ во центарот на Скопје“.

Тодоров објаснува како изгледаа 14 дена карантин во хотел по пристигнувањето од Романија.

„Правилата беа дека никој не смее да ја напушти собата во која е сместен. Храна и сè што е неопходно беше доставувано пред врата, па така тие 14 дена ги поминав во некои 15 метри квадратни. Колку и да делува страшно, првите 7-8 дена поминаа навистина брзо, можеби и ми требаше еден таков период каде нема да правам ништо. Но последните денови поминуваа навистина бавно. Особено последниот, кога дури некаде после полноќ ми беше дозволено да заминам дома“, истакна Тодоров.

Тој од карантинот во хотелот „Ибис“, сега е во домашна изолација, истакнувајќи дека чувството е поинакво кога човек е дома.

„Да, завчера при излегување од хотелот, морав да потпишам изјава дека се согласувам со дополнителни 14 денови на домашна изолација. Правилата се правила и во овие моменти мора да се почитуваат, одговорноста од спречување на вирусот лежи кај сите нас како поединци. Сепак, чувството е поинакво кога си дома, се надевам дека по истекот на овие две седмици, бројот на заразени и починати ќе се намали и дека ќе тргнеме кон постепено враќање кон нормалниот начин на живот“, рече Тодоров.

Како ова ќе се рефлектира на понатамошните планови?

„Многу малку клубови размислуваат за идните планови во моментот кога буквално низ целиот свет секојдневно умираат луѓе. Во моментот кога избувна кризата, имав понуда за продолжување на договорот со мојот сегашен клуб. Но нормално, треба да почекаме и да видиме како кризава ќе влијае на буџетот за следната сезона, со оглед на тоа што сме сто проценти финансирани од општината“, вели селекторот кој ги објаснува и идните планови околу националниот тим.

„Многу е тешко да се планира нешто во момент кога не се знае до кога ќе траат овие мерки на изолација и социјално дистанцирање. Она што го кажав и на репрезентативците е дека во првиот момент кога ќе се дозволи поголема слобода на движење, дека им стојам на располагање да започнеме со индивидуални тренинзи, во помали групи, бидејќи не верувам дека во скоро време ќе бидат дозволени спортски активности на поголеми групи“, завршува тодоров.