Полскиот голман Војчех Шчесни играше за Рома од 2015 до 2017 година. Од таму потоа преминал во Јувентус. Меѓутоа уште додека бил фудбалер на Рома му се случила непријатна ситуација во главниот град на Италија. Шчесни тоа го раскажа во емисијата „ Eleven Sports“.

Има еден ресторан во близината на Пантеонот во Рим. Таму често одев да ручам, можеби два или три пати неделно. Се сеќавам три месеци пред мојата последна сезона во Рома го изгубивме дербито со Лацио. Следниот ден дојдов во ресторанот, го гледав менито, а сопственикот на ресторанот ми пријде и ми рече: „Извинете но денеска нема да бидете послужени во нашиот ресторан. Вратете се кога ќе победите“. Го гледав и си помислив да не е некоја шега. Тој беше сериозен. Ми го повтори истото, ми го зема менито и си замина. Од тогаш немам отидено во тој ресторан. А правеа убави јадења, но после оваа непријатна ситуација не се вратив повеќе“, изјави Шчесни.