Еден од најважните голови во историјата на Работнички беше постигнат на 6 август 2015 година, и тоа на меѓународна сцена. Стрелец беше репрезентативецот Кире Маркоски, а тој гол за клубот од Градски парк беше вреден пласман во плеј-офот во Лигата на Европа. На стадионот „Хусеин Авни Акер“ во Трабзон, истоимениот тим и нашиот Работнички го играа реваншот во 3.квалификациско коло во ЛЕ. Првиот меч во Скопје заврши со триумф од 1:0 за „романтичарите“, а во реваншот со голот на Јокуслу во 55.минута, турците имаа водство од 1:0. Се играше второто продолжение, тоа беше вкупно 113.минута од тој историски меч, кога од средината на теренот Милан Илиевски со теледиригирана топка ја пронајде „златната глава“ на Кире, а овој, откако домашниот голман задоцни со интервенцијата, успеа во манир на расен стрелец да постигне гол за 1:1. И тоа беше тоа. Работнички со вкупни 2:1 се пласира, по вторпат во својата историја, во плеј-офот во ЛЕ, каде што за еден гол беше елиминиран од рускиот Рубин Казан.

Следуваше ефорија меѓу „романтичарите“, во соблекувалната долго, долго траеше радоста. Убави, прекрасни моменти.

Освен Кире Маркоски, тогашниот тренер на „романтичарите“ Игор Ангеловски Мрме сметаше и на Божиновски кој пружи животна партија бранејќи барем 5-6 зицери на турците, потоа Илиевски, Силјановски, Цикарски, Ристевски, Петровиќ, Вујчиќ, Трајчевски, Сахити, Илијоски, Чума,а играа и Алтипарамаковски и Митров. Колку силен тоа беше тим на Работнички, кој во во тој период од две сезони, и двете под водство на Мрме, освои една титула во првенството и две во Купот, и играше во плеј-офот во Лигата на Европа.