По преместувањето на Еуро 2020 за 2021 година, УЕФА се соочува со нов проблем. Дел од градовите кои ја добија организацијата на дел од натпреварите на првенството, ја откажуваат „гостопримливоста“.

Германските весници веќе неколку дена пишуваат дека Минхен, кој е единствен германски град кој доби натпревари на првенството, не е сигурен дали ќе може да ги организира настаните следната година. Од градот велат дека се испитува ситуацијата и поради планираните обврски на градот за 2021 можно е да се повлечат од организацијата.

Истото го потврди и амбасадорот на ЕП 2020, Филип Лам, кој потврди дека германското место на ова првенство е под лупа. „Алијанц Арената“ треба да биде домаќин на групата во која се Германија, Франција, Португалија и еден од плеј-оф натпреварите во Лигата на нации, а таму е планирано и едно четвртфинале. Повлекувањето на Минхен ќе создаде голем проблем за УЕФА.

Британски „Дејли мејл“ исто така тврди дека сериозни сомнежи за организација на настанот сега има и кај Италијанската фудбалска асоцијација која треба да биде домаќин на средби во Рим. Покрај тоа, има судири со други настани планирани за 2021 година и на соодветните арени во Амстердам, Глазгов, Даблин и на крајната дестинација, Лондон.

„УЕФА е во контакт со сите дванаесет градови домаќини по ова прашање и ќе бидат направени дополнителни состаноци во догледно време“, велат од УЕФА. Европското првенство требаше да се одржи во дванаесет земји оваа година за да ја прослави 60-годишнината од првото издание на турнирот во 1960 година. Периодот меѓу 11 јуни и 11 јули 2021 година е новиот датум за одржување на шампионатот.