Фудбалерите на премиерлигашот Арсенал го отфрлија предлогот на управата за намалување на платите, пренесуваат медиумите во Англија. Раководството на лондонскиот клуб презеде мерки за намалување на расходите поради принудниот прекин на сезоната во Премиер лигата поради епидемијата на корона вирусот.

Планот му бил претставен прво на Ектор Белерин, кој е претставник на клубот во Асоцијацијата на професионални фудбалери во Англија. Играчите го разгледале но не го прифатиле.

Предлогот на управата на Арсенал е фудбалерите во наредните 12 месеци, до март 2021 година, да добиваат 12,5% помала плата со тоа што тоа може да се поништи доколку екипата се пласира во Лигата на шампионите. При учество во Лига Европа платата на играчите би била помала за 7,5%.

Во планот вклучена е точка, според која, ако сезоната не биде доиграна, раководството ќе побара преправање на договорите.

Арсенал го држи деветтото место на табелата на осум кола до крајот на сезоната, а има осум поени помалку од четвртиот Челзи.

Арсенал соопшти дека плаќа околу 230 милиони фунти по сезона за плата на фудбалерите, а во февруари лондончаните објавиле загуба од 27,1 милион фунти, а прогнозите се дека губитокот ќе доститне 75 милиони фунти ако сезоната не биде доиграна.

Ако се заврши сезоната без присуство на публика, клубот ќе остане без приходи од билети во висина од 15 милиони фунти.