Како дел од редовната комуникација со фановите, Лидс Ј. им даде шанса на навивачите денеска да му поставуваат прашања на нашиот репрезентативец, Езѓан Алиоски. Популарниот Џани се обиде во 15 минути да одговори на што е можно повеќе прашања. Еве дел од нив:

Како се справувате затворени во куќата цел ден?

„Не е лесно, но во ова време, секој има сè што му е потребно дома. Секогаш можете да најдете нешто да правите, како да играте на Плејстејшн или да гледате филмови на Нетфликс. Некои читаат книги, но јас не“.

За кој тим навивавте како дете, а кој беше вашиот омилен играч?

„Секогаш тоа беше Реал Мадрид. Тоа беше екипата на мојот идол Роберто Карлос. Многу ми се допаѓаше неговата игра и затоа тие беа мојот омилен тим“.

Колку јазици зборувате?

„Пет или шест. Германски, италијански, англиски, албански, македонски, француски и малку шпански“.

Омилен момент од вашата кариера?

„Сите имаат добри моменти, но најдобрата  (промоцијата во Премиер лигата) допрва треба да дојде, и јас нетрпеливо го чекам тоа“.

Омилен меч за Лидс Јунајтед?

„Имавме многу убави средби, но кога победивме со 3:2 против Астон Вила, тоа беше прекрасно, а потоа и победата од 4:0 дома против Вест Бромвич Албион беше луда средба која секогаш ќе ја паметите. ”

Кој е вашиот омилен гол што сте го постигнале за Лидс Јунајтед?

„Првиот гол што го постигнав кога дојдов овде, игравме со Нотингем Форест и секогаш ќе го паметам. Ги видов сите тие фанови како слават, а јас само помислив: Леле, сакам да бидам овде“.

Кој е најдобриот играч со кого сте играле?

„Има неколку добри играчи, така што не можам да одберам еден. Во Лидс, мислам дека сите ќе речат дека е Пабло. Знаеме дека тој го има тоа искуство, тој е навистина добар играч и може да научите многу од него. Потоа ги имам и Горан Пандев, Енис Барди и Елиф Елмас кои играат за репрезентацијата и се квалитетни играчи. Некои имиња ги знаете, некои ќе ги заборавите, но играч како Горан Пандев, кој ја има освоено ЛШ и сè во Италија, на него ќе се сеќавам секогаш“.

Кој е најдобриот играч против кого сте играле?

„Серхио Рамос!”