Ако не се видео-записи од стари натпревари, дел од лигите најдоа нов начин да ги анимираат фановите. Овие денови „ИН“ е бирање на идеални тимови на сите времиња. АБА-лига на својата официјална страница им даде задача на навивачите да го креираат својот „Дрим тим“ на клубот што го поддржуваат.

Во изборот се најдоа кошаркарите кои настапиле за Будуќност, Цедевита Олимпија, Цибона, Црвена Звезда, ФМП, Игокеа, Копер, Крка, Мега Бемакс, Морнар, Партизан и Задар.

Меѓу играчите има и Македонци и тоа сите некогашни репрезентативци: Лестер Бо Мекејлеб (настапуваше за Партизан од 2009-2010), Перо Антиќ, кој беше дел од Црвена Звезда од 2005-2007 и од 2017-2018, Тодор Гечевски (Задар, 2004-2009), Предраг Самарџиски (ФМП, Црвена Звезда и Мега Б.) и Владо Илиевски (Цедевита Олимпија, Цибона).

Доколку сакате да се најдат во идеалните пет на еден од овие тимови треба да отидете на официјалната страница.

Гласањето трае до 30. овој месец.