Секогаш првото се памети, тоа е најважното. Што се однесува до Купот во самостојна Македонија, првото финале беше одиграно на 23 мај 1993 година. Се сретнаа Вардар и Пелистер, тогаш веројатно  најголемите наши клубови, најголемите брендови. Тогаш најсилните наши тимови кои година претходно играа и во последната сезона во Првата лига во екс – СФРЈ. Градски преполн, повеќе од 20.000 гледачи, фанови на двете екипи. Невидена атмосфера, таков спектакл никогаш подоцна немало, и со  толку многу гледачи.

Тогашниот претседател на ФСМ Љубисав Иванов Ѕинго, во ложата ги имаше за гости тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров, и премиерот Бранко Црвенковски.

На теренот голема борба, шанси на двете страни, но решавачкиот момент се случи во 88.минута кога Жанко Савов стрелаше за 1:0, за победа на Вардар, за еуфорија кај „комитите“, а за тага кај „чкембарите“. По завршување на средбата претседателот Глигоров му го предаде победничкиот пехар на капитенот на Вардар, Љупчо Марковски.

Вардар настапи со следните единаесетмина: Филевски, З. Јовановски, Спасески, Садики, Костов, Марковски, Наумовски, Тодоровски, Савов, Ќириќ, Милошевски. На клупата беа Зекир, Ефтимов, Ангелов, Вујовиќ, Герасимовски. Тренер беше Ѓоко Хаџиевски.

Пелистер пак мечот го започна со: Милошевски, Грозданов, Василевски, Канатларовски, Димов, Цветановски, Пресилски, Т. Мицевски, В. Мицевски, Каранфиловски, Ставревски. Резерви беа: Јоноски, Марковски, Капинковски, Стерјов, Христов. Тренер беше Зоран Смилевски.

Никогаш веќе не гледавме такво финале.