Во Скопје доаѓале екипи од рангот на Милан, Ливерпул, Лацио, Рома, Фенербахче… и играле со нашите клубови во европските двомечи, но се чини дека на 14 септември 2000 година, гостуваше најсилната екипа која играла против некој наш тим. Тоа беше составот на Парма, дрим-тимот на Алберто Малезани. Буфон, Сартор, Жуниор, Канаваро, Турам, Ламуши, Консеисао, Мику, Болано, Милошевиќ, Аморосо. Играа и Ди Вајо, Фузер, Апиа. Градски беше претесен да ги прими сите заинтересирани да ги видат светските фудбалски ѕвезди, на трибините имаше најмалку 20.000 гледачи, од кои голем број беа дојдени од Прилеп. Супер атмосфера, добра Победа и супер Парма. Трнерот на прилепчани Никола Џиџи Илиевски на гигантот од Серија А му се спротивстави со Тенев, Ристески, Ќумбев, Николаески, Нацев, Здравески, Т. Наумоски, Каранфиловски, Жилсон, Крстев, Диниќ. Во игра влегоа и Мегленски, Тодоровски и Стојчевски.

Резултатот на крајот очекуван, 2:0 за пресилната Парма, а стрелци беа Серџо Консеисао во 23. и Марко Ди Вајо во 74.минута. Во реваншот на „Енио Тардини“ Парма победи со 4:0 и со вкупни 6:0 се пласираше во второто коло во Купот на УЕФА.

На Победа и остана утехата дека ја нагостила, според имиња на играчите, најсилната екипа која дошла во Македонија и одиграла официјален меч со наш тим.