Фудбалската асоцијација на Азербејџан испрати писмо до УЕФА во кое изразува подготвеност со својот кандидат Баку да биде домаќин на натпревари од Европското првенство кое е преместено за во 2021 година. Баку стана трет од градовите домаќини првично избрани за домаќини на натпреварите и следната година. Другите два што досега гарантираа организација на натпревари се Даблин и Букурешт.

Во Баку се планирани четири натпревари на Европското првенство: три во групната фаза во кои учествуваат селекциите на Турција, Швајцарија и Велс, како и еден четвртфинален натпревар.

Како што е познато, УЕФА им даде на градовите домаќини до 30 април да ја потврдат или отфрлат можноста за организација на натпреварите ЕП 2020. Некои градови веќе објавија дека имаат проблеми со откажување или преместување на други настани што автоматски значи дека немаат услови за организација и на Еуро 2020.