Тоа лето и есен во 2003 година, Македонија фудбалски „дишеше“ во ритамот на Вардар.  Само гол недостигаше за пласман во групната фаза во Лигата на Шампионите, но Спарта Прага беше поитра, а имаше и судиски ветар во грб. Претходно Вардар ги  елиминира Бери Таун и ЦСКА Москва, и како утеха дојде двобојот со Рома во 1.коло во Купот на УЕФА. Во Рим момците на тренерот Зоран Стратев загубија со 0:4, за да на 15 октомври следуваше реванш во дождливото Скопје. Фабио Капело ги донесе Зоти, Зебина, Лима,Емерсон, Касано, Самуел, Де Агостино, Де Роси, Манцини, Делас, Кандела. Играа и Дакур, Вахаб. За Вардар пак настапија Зекир, Веселиновски, Ѓошевски, Васоски, Чинеду, Захариевски, Ристовски, Георгиевски, Бранковиќ, Оливеира, Брага. Во продолжение шанса добија и Јовчев, Милевски и Вандаир.

Убава игра, водство на Вардар со супер голот од 30 метри на Захариевски, шанса за удвојување на тие 1:0. Рома потоа се созеде, тргна со сите сили во напад. Само среќата го спасуваше Вардар од тежок пораз, за да Манцини успеа во 63.минута да израмни за конечни 1:1. Во последните мигови од средбата Брага ја погоди пречката, штета, тоа ќе беше голема победа за нашиот тим.

Со тоа реми вардарци ја завршија својата најдобра летна евро одисеја во историјата, се до 2017 година. По мечот со гигантот од Рим, интересна случка. На Фабио Капело, еден од најдобрите тренери во историјата на фудбалот, тогаш стратег на „волчицата“, му беше кажано дека пресот по мечот ќе се одржи во тогашниот „Кампинг“ кој се наоѓаше позади северната трибина. Врнеше, истураше, немаше како Капело да стигне до пресот без да биде прописно наврнат. Целата ситуација ја спаси новинарот на „Македонски спорт“ кој имаше чадор при себе, и успеа да го однесе Дон Фабио сув како барут на пресот.