🖊️ Подготви: Марија Ковачева


На почетокот на пандемијата коронавирус, никој не веруваше дека секојдневниот живот целосно ќе се промени. Прекинот на првенствата се чинеше дека нема да трае многу долго, но како одминуваа деновите, спортистите почнаа да се адаптираат на „ритамот“ кој го наметна „Ковид-19“.

Надежта не е изгубена, напротив играчите се најголемите борци. Максимално ги почитуваат мерките на надлжените органи. На нив им е најтешко, од активен живот исполнет со бројни спортски обврски мораа да се навикнат на „пасивните“ денови.

Иднината на кошарката во Македонија и натаму не е позната. Но, се поизвесно е дека во блиска иднина нема да се создат услови за доигрување на првенството, вонредната состојба е продолжена на нови 30 дена.

МЗТ Скопје до прекинот на првенството е лидер на табелата со две победи повеќе од Работнички и Гостивар, на три пред Кожув и Еуроникел.

Во празничните денови, одлучивме да ги контактираме Бојан Трајковски (Кожув), Ивица Димчевски (Гостивар) и Андреј Магдевски (МЗТ Скопје).

И тие како сите останати посакуваат битката со вирусот да ја добиеме поскоро. Жалат што сезоната е прекината, беше една од најизедначените во последните години.

Сосема природно, наместо спортот, сега здравјето е на прво место.

🏀 ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН МЕСЕЦ ВО МАКЕДОНИЈА, НО И ВО ЦЕЛИОТ СВЕТ СПОРТОТ Е „ЗАМРЗНАТ“, ШТО ЗНАЧИ ЗА ЕДЕН ПРОФЕСИОНАЛЕЦ ВО ЕК НА СЕЗОНАТА ДА БИДЕ НАДВОР ОД ТЕРЕНИТЕ?

ТРАЈКОВСКИ: Моментот кога донесоа одлука за пауза, реално сите мислевме ќе биде кратка, избројана во денови, но како одминуваа деновите ситуацијата со вирусот стана се посериозна. Ќе биде жално да кажеме дека е океј додека сме надвор од работните обврски. Целиот спортски ден на еден професионалец е променет, од она станувањето рано наутро, подготовки за прв тренинг, одржување на истиот, кафе пауза пред ручек, одмор пред вториот тренинг, втор тренинг, вечера па до слободно време посветено за најблиските. Сето ова беше испланирано до секунда. Сега сем најблиските, сето останато е променето, не само кај нас туку и во целиот свет.

ДИМЧЕВСКИ: Па, тешко е, следеше најважниот дел од сезоната, се подготвувавме токму за тоа. Плановите и целите ни останаа недовршени, секогаш знаевме кога ќе се вратиме на теренот, но сега е поинаку. Не застана спортот, туку целиот свет, останува само надежта за побрзо опоравување и враќање на нормалниот тек на живот, а за нас спортистите за побрзо враќање на терените.

МАГДЕВСКИ: Вирусот се појави во најлош период, кога екипите се подготвуваат за најважниот дел од сезоната. За секој спортист ова претставува неостварување на замислената цел, односно успешно завршување на веќе започнатата сезона, но и предизвик да се подобри физичката подготвеност до почетокот на наредната натпреварувачка сезона.

🏀 КАКО ГИ ПОМИНУВАТЕ ДЕНОВИТЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА? ДАЛИ ВО ОВИЕ УСЛОВИ ИМАТЕ НОВО ХОБИ, ДРУШТВЕНА ИГРА, МОЖЕБИ И ГОТВИТЕ?

ДИМЧЕВСКИ: Од активен ден во пасивен, многу е ташко за мене. Денот секогаш ми беше организиран, никогаш немавме доволно време, сега имам доста време и понекогаш не знам што да правам. Најголемиот дел го поминувам со моето дете, семејство, готвам, тренирам во домашни услови, добар филм…

МАГДЕВСКИ: Деновите во изолација ми се исполнети со различни домашни активности. Ова е период кога можеме повеќе да се посветиме на семејството, па така најголем дел од времето го поминувам во играње на различни друштвени игри, гледање серии и кратки прошетки со мојот миленик.

ТРАЈКОВСКИ: Јас искрено избегнувам непотребно излегување од дома, освен ако навистина има потреба, и тоа не било каква. Има време за сè, и за тренинг и за пешачење во најблиските шуми, готвење и друштвени игри. Готвењето и уште многу други работи кои не можевме да ги правиме, ќе ги надокнадиме во следниот период. Токму на овој начин колку-толку на момент ќе заборавиме на проблемот наречен Ковид-19. И најважно, сето она време кое поради спортот не можевме да го минеме со најблиските, сега максимално го користиме.

🏀 КОЈ Е ВАШИОТ ИЗДУВЕН „ВЕНТИЛ“, КАКО ГО НАДПОЛНУВАТЕ АДРЕНАЛИНОТ?

МАГДЕВСКИ: Секојдневно издвојувам време потребно да го изработам планираниот тренинг во домашни услови, а кога временските услови дозволуваат се искачувам на Водно, секако почитувајќи ги препораките за социјална дистанца.

ТРАЈКОВСКИ: Кафе-муабет со најблиските и „трач-рубрика“ на бројни теми кои не сме успеале да ги отвориме наназад со години и години, поради обврските со кошарката.

ДИМЧЕВСКИ: Велосипед! Најбезбедно за овој период, доволно за да ја потрошам енергијата.

🏀 ОВАА СЕЗОНА ТРЕБАШЕ ДА БИДЕ ЕДНА ОД НАЈИЗЕДНАЧЕНИТЕ, СПРЕД ВАС КОЈ БЕШЕ НАЈСЕРИОЗЕН КАНДИДАТ ЗА ТИТУЛАТА (ОСВЕН ВАШИОТ ТИМ)?

ТРАЈКОВСКИ: Наназад многу години, табелата во лигата не изгледала вака, ниту тимовите не биле толку блиску еден до друг. Жално што се случи ова, мислам дека и полека се помируваме со фактот дека повеќе нема простор и логика лигата да продолжи. Мислам дека сите шест екипи што ќе влезеа во Супер-лигата на некој начин ќе беа кандидати за титулата, секој натпревар ќе беше дерби, секој-секого ке можеше да го добие, како на домашен терен, така и на гостински, што беше случај и во текот на целата сезона.

МАГДЕВСКИ: Имавме големи измени во ростерот и падови во играта, но и покрај тоа успеавме да завршиме први со две победи повеќе од нашите конкуренти. Иако се уште не се знае крајниот исход на оваа сезона, сметам дека борбата за првите четирите места е неизвесна, но верувам дека ние сме најсериозен кандидат за одбрана на шампионската титула со предност на домашен терен.

ДИМЧЕВСКИ: Точно така, имавме најинтересна и неизвесна сезона. Како најсериозни кандидати би ги издвоил МЗТ Скопје и Работнички, но сепак мислам дека и останатите екипи во Супер-лигата можеа да изненадат од сенка.

🏀 ДАЛИ СТРАВУВАТЕ ДЕКА ПОСЛЕ КОРОНАВИРУСОТ СПОРТОТ НЕМА ДА БИДЕ ИСТИ И ЗОШТО?

МАГДЕВСКИ: По природа сум голем оптимист па очекувам за брзо време животот да ни се врати во нормала, се надевам дека вирусот нема да нанесе голема економска штета што би влијаела во голема мера на целокупниот спорт во светот.

ДИМЧЕВСКИ: Факт е дека многу работи ќе се променат, оваа ситуација ќе се одрази врзи сите сектори и ќе биде потребно време да се вратиме во нормала, но здравјето е најважно. Да сме здрави и живи, па се надевам дека во брзо време се ќе си дојде на свое.

ТРАЈКОВСКИ: Кај нас не би требало да има некоја „дупка“ во спортот, општо зборувам за секој спорт, финансиски за разлика од европско и светско ниво, ние сме далеку од тие некои астрономски суми. Но, тоа е едно многу тешко прашање на кое одговор ќе се добиеме допрва кога ќе заврши кризата поради вирусот, дури тогаш ќе се направат математики…Во кратки црти на светско ниво и тоа како ќе има промени, уште сега неколку големи клубови се пред распаѓање, најблизок пример е една Цибона, што е историја во Хрватска.