Го исполни сонот на многу генерации од осамостојувањето до денеска. Ја поведе Македонија на Европското првенство во Словенија, ги наполнија нашите срца со среќа и гордост, покажа дека на македонската одбојка местото и е на европската карта.

Деновиве во битката со коронавирусот, капитенот на нашата репрезентација ги минува со своето семејство. Чекајќи спортот да се врати на светската карта, трпеливо размислува за иднината. Германија е веќе затворено поглавје од неговата кариера, која ќе биде следната дестинација?

Прославувајќи го големиот христијански празник Велигден, го најдовме со потесното семејство, главно времето посветувајќи и го на својата ќерка.


🏐 Како за почеток, како ги минуваш деновиве?

„Некако сега деновиве ми се различни. За разлика од таа нормална рутина кога тренираме по двапати дневно, клуб, репрезентација, натпревари, видеа, состаноци… сега сум тотално на off.Сега се обидувам времето да го поминам со мојата ќерка, затоа што таа беше многу мала и не беа со мене во Јапонија, а и сезонава во Германија многу малку бевме заедно. Сега со неа сме заедно, учиме, растеме заедно, играме со топка, мислам дека мене овој период одлично ми дојде да надополнам она што сум пропуштил со неа“.

🏐 Влегуваме во вториот месец без спорт. Ова веројатно и за тебе е сосема ново искуство. Како ти изгледа животов без спорт?

„Втор месец без спорт, некако ми изгледа неверојатно. Јас веќе 35 дена сум во Македонија од кои првите 15 ги поминав во карантин, сам, па му се приклучив на семејството, и фала му на Бога немам никакви симптоми. Во овој период единствено што можам да правам е да вежбам во една импровизирана теретана која сам си ја направив дома, се обидувам да го одржувам тонусот на телото. Другото е гледање цртани, читаме книги со ќерка ми и се обидуваме да останеме позитивни“.

🏐 Кога веќе не си на терен, има ли начин да се остане во форма?

„Начини има, но колку тие на крајот се ефикасни е дискутабилно. Особено за нашиот спорт каде е многу битен допирот со топка. Јас немам допрено одбојкарска топка со денови и тоа секако те вади од форма. Меѓутоа се трудам да останам во физичка форма, многу вежбам, скоро час и половина до два секој ден“.

🏐 Турција, Франција, Јапонија, Полска, Германија… Што е следно?

„15 години интернационална кариера, плус репрезентативна кариера, титули, европско првенство, клупски награди… Во моментов навистина размислувам што следно. Имам понуди од Франција и Катар, едната ја одбив, другата ја размислувам, но ќе има и нови понуди. Не сакам да прејудицирам, има време за конечна одлука“.

🏐 Стигнавме и до Европско првенство. Има ли се уште доволно глад и жед за нов „бум“ на ново ЕП?

„Глад и жед ќе има секогаш додека играм одбојка и додека сум во репрезентацијата на Македонија. Првиот момент кога ќе почувствувам дека ја нема таа глад и жед, јас сам ќе се откажам. Имаме желба сите за ново европско првенство. Малку ни е жал што нема да играме Европска лига поради коронавирусот, но искрено се надевам дека во август ќе играме квалификации за ЕП и ќе се радуваме на настап на нов шампионат“.

🏐 Ако би почнал од почеток, би ја одбрал одбојката повторно?

„Да, секако. Таа е моја прва љубов. Не би кажал дека е единствена, бидејќи ги сакам и фудбалот и тенисот, но одбојката ми даде се и секако и сега да почнам повторно, повторно ќе ја одберам како мој спорт“.

🏐 Што прво ќе направиш откако ќе заврши кризава?

„Прво што ќе направам е ќе одам во теретана. Што се отворат веднаш одам таму. Ќе излезам да се видам со сите пријатели и другари и секако ќе отпатувам некаде со мојата фамилија на некој одмор. Сакам да бидам на море и да се рехабилитираме од целата оваа ситуација“.