Стевица Ристиќ, легендарниот голгетер на Силекс, во Кратово во јули 2003 година дојде како засилување од еден непознат српски нисколигаш, Јединство Вршац. И уште на првиот меч за Силекс постигна гол, одигра четири сезони за кратовци, во два наврати беше голгетер на ПМФЛ. Потоа играше и за нашата репрезентација, а во Источна Азија направи завидна кариера, играше и во Бунјодкор заедно со Ривалдо, а тренер му беше Фелипе Сколари.

Во таа сезона 2006/07 иако Работнички беше најдобар, сепак на некои натпревари не победуваше со убедлива гол – разлика. Па имаше шпекулации дека токму Ристиќ ќе го засили нападот на  „романтичарите“.

Тој со изјавата  во „Македонски спорт“, имаше свој коментар на тие шпекулации.

Би дошол, зошто да не, па кој не сака да игра во шампионски тим. Еве, јас во Силекс постигнувам голови, и тоа доста, но во дресот на Работнички, со тие соиграчи, ветувам дека ќе дадам и повеќе од 30 голови по сезона“ посочи голгетерот.

Овие негови зборови не наидоа на воодушевување кај напаѓачите на Работнички, а тренерот Ѓоре Јовановски тогаш напомена дека тешко дека ќе се оствари тој трансфер, но и дека тој лично преферира играчи со таква голема самодоверба.

На крај да кажеме дека Ристиќ за четири сезони во Кратово постигна околу 90 првенствени голови, но никогаш не заигра за Работнички, така да не знаеме дали ќе постигнеше и повеќе од 30 голови во сезона во дресот на „романтичарите“.