Европската ракометна федерација (ЕХФ) денеска донесе голем број контроверзни одлуки поради кризата предизвикана од коронавирус. Меѓу одлуките е и онаа за откажување на баражите за светското првенство во Египет, како и прескокнување на целата плеј-оф рунда во Лигата на шампионите, со организација само на завршен турнир на кој ќе играат четири екипи.

Тренерот на хрватскиот шампион ППД Загреб, Веселин Вујовиќ, излезе со коментар на асурдните одлуки на ЕХФ.

„Историјата покажа дека скоро никогаш досега четирите првопласирани екипи не стигнале до Ф4 турнирот, бидејќи секогаш имало изненадувања на тие плеј-оф натпревари. Некои екипи биле помалку подготвени или погодени од повреди во плеј-офот и тогаш би испаднале како лани ПСЖ. За мене, ова е апсурдна одлука, пред сè, затоа што во овој период до конечниот Ф4 многу играчи ќе ги сменат клубовите. Сагосен го освои првото место во групата со ПСЖ, а на Ф4 турнирот ќе игра за Кил, тоа нема никаква врска со здравиот разум.  Ако таква е одлуката, тогаш нека го остават пазарот отворен за да можат играчите да циркулираат во текот на целата година. Додуша реков и претходно, дека ЕХФ ќе донесе некоја глупава одлука“, вели некогашниот тренер на се уште актуелниот европски шампион Вардар.