Пишува: Марија Ковачева

Ако има локално спортско дерби кое живее во самостојна Македонија веќе триесетина години тоа е она помеѓу кошаркарските екипи на Работнички и МЗТ Скопје. Двата Скопски клуба се заштитен знак на два посебни дела од нашиот главен град, нешто на што Скопјани и тоа како се гордеат. Има ли навивач на Работнички што не се фали дека е од Центар, Капиштец или пак Карпош, а пак од другата страна не знам дали има Аеродромец што не се идентификува со МЗТ.

Низ годините овие два клуба доминираа периодично. Работнички ги одбележа деведесеттите и деценијата потоа, редеше титули една по друга, а МЗТ пак онака реновиран со нова сала, засилен финаниски потоа нареди трофеи во серија последните неколку години.

До ден-денес, кога се игра дерби Работнички  – МЗТ салите се полни, се навива, кореографии на ниво. Сепак, она што посебно остана во сеќавање, од навивачка гледна точка, е онаа финална серија во 2014 година помеќу овие два клуба која МЗТ ја доби со 3:1.

Мечевите, сите до еден се играа на неутрален терен во салата Борис Трајковски, која за среќа имаше и има капацитет да прими сериозна бројка на навивачи од два табора и тоа да мине во најдобар ред.

Тоа беше серија за паметење. Од навивачка гледна точка. Четири меча полни со кореографија, навивање, „препукување“, по некој инцидент, што е и нормално да го има,  и многу нервоза и радост на крајот. Се радуваше „сината“ страна на Скопје, тагуваше „црвената“.

Ова дерби, овој настан сам по себе, му е потребен, неопходен на Скопје. Скопје со овој двомеч се идентификува, навивачките групи на МЗТ и Работнички своевремено имаа женска фракција, на времето по дискотеки во Скопје се шетаа дечки со маички „CPB“ или „Фемили Аеродром“. И така треба и да биде. Браво за нашиот главен град што до ден-денес го остави во „живот“ ова дерби, што и натаму го смета за свое, и не дозволува да биде сквернавено од политичко профитески задкулисни игри.

Во период ете кога „виша сила“ направи да биде прекинат и тековниот шампионат на Македонија, и нема да биде прогласен овогодинешен шампион, ете нека овие прекрасни фотки од 2014 година бидат поттик следната сезона повторно да биде вака, повторно да има полна сала и повторно Скопје да има за што да зборува со денови, месеци години….