Откако не успеа во летото 2016 година да стигне до групната фаза во ЛЕ, Шкендија следната година тргна амбициозно и победнички, но застана одново во плеј – офот, овојпат Милан беше пресилен.

Рековме тргна победничи, и со ефектни и вкупни 7:0, ја мина првата пречка која се викаше Дачија, еден од најпознатите клубови во Молдавија, во кој имаше и руски капитал.

Во првиот меч од 1.квалификациско коло, во Струмица, тетовци победија со 3:0, па следуваше реваншот во Молдавија. Домашните тргнаа со намера што побргу да стигнат до гол или голови, а сето тоа го казни силната Шкендија. Тетовци одиграа мајсторски, знаеја што сакаат и победија со 4:0, а можеа според шансите и поубедливо да слават. Едноставно ја згазија Дачија, просто си ја „извозеа“ Дачија на нејзин терен.

Стрелци на головите за Шкендија во тој меч беа Алими во 32.минута, Жуниор во 44., Зејнулаи во 81. и Хасани во 89.минута.

Стратегот Ќатип Османи овој реванш меч го започна со Захов, Цуцули, Мурати, Бејтулаи, Алими, Тодоровски, Вујчиќ, Б. Ибраими, Хасани, Жуниор, Радески. Во игра влегоа и Теќа, Тотре  Зејнулаи, а на клупата останаа Челиковиќ, Шефити, Реџепи и Абдурахими.

Да зклучиме дека ова беше една од најубедливите победи на некоја наша екипа во европските натпревари на гостински терен.