На 2 август 2006 година, на Илинден, ја проследивме една од најдобрите парти на некоја наша екипа во фудбалска Европа. Таа вечер на Градски во Скопје, екипата на Работнички во реванш меч од 2.квалификациско коло во ЛШ, успеа со 4:1 просто да го “оддува“ силниот унгарски тим на Дебрецен.

Фантастични беа момците на тогашниот стратег на“романтичарите“ Ѓоре Јовановски, кои имаа шанси да постигнат барем уште четири голови во мрежата на тимот кој што година дена претходно успеа со вкупно 8:0 да го столчи хрватскиот гигант Хајдук.

Во првите 20 минути од тој “илинденски“ меч, беше евидентно дека Работнички нема да ризикува, на првиот меч беше 1:1, па така му одговараше и реми без голови. Но сметките ги помрси Сидибе кој во 20.минута погоди за 0:1.

И тогаш следуваше вистинска фудбалска бура. Прво Неџипи со супер гол израмни на 1:1, па потоа стрелаше Пејчиќ за водство од 2:1, следуваше голот на Трајчов, за да точка стави Нено за конечни 4:1 и супериорен пласман во 3.квалификациско коло во Лигата на Шампионите.

Веднаш по мечот тренерот на Дебрецен Атила Шупка доби отказ, а Работнички замина на двомеч со Лил.

Таа вечер во ложата на Јужна, покрај другите беше и тогашниот селектор на нашата фудбалска репрезентација Среќко Катанец. На новинарско прашање како тој го виде мечот, Словенецот изјави:

“Секоја чест, овие момци одиграа перфектно“.

На крај да споменеме дека на тој меч за тогашниот наш шампион настапија: Пачовски, Јеремиќ, Неџипи, Нено, Карчев, Пејчиќ, З.Јовановски,  Трајчов, Игњатов, Вајс, Станковски. А на клупата беа: Маџовски, П. Стојанов, Тодорчев, Илијоски, Велкоски, Лазаревски, Јанкеп.