Во пресрет на историскиот полуфинален дуел во баражот за пласман на ЕВРО 2021, меѓу Македонија и Косово, кога тој и да се одигра во Скопје, свој коментар за тоа има репрезентативецот на нашиот северен сосед Валон Бериша. За потсетување играчот од средниот ред моментално е член на Фортуна Диселдорф, но како позајмен фудбалер на римски Лацио.

Бериша за медиумите во Албанија го даде својот коментар за претстојниот меч во Скопје:

„Што да се каже за овој значаен натпревар? Јас лично сметам дека можеме да ја победиме Македонија, поточно убеден сум дека ќе победиме. Шансата за триумф на Косово е огромна. Македонија е добра репрезентација, со добри поединци. Порано таа селекција беше и поквалитетна од нас, но ние брзо напредуваме, сега во најмала рака сме на исто ново со нашите противници. Ние како Косово докажавме дека можеме да победиме било кој противник“ оптимистички расположен е Бериша.