Михајло Михајловски одново се враќа во Вардар и тоа на челот на клубот. Информација која долго време се најавува, а сега чека само официјализација, поточно да се договори со Сергеј Самсоненко, креаторот на златната генерација на „црвено-црните“.

Првиот човек на СЕХА-лига почна да го прави планот за актуелниот шампион во Лигата на шампионите. Македонскиот првак нема да го има истиот буџет како изминатите сезони, но ќе има доволно финансиски ресурси за да биде конкурентен во елитното клупско натпреварување.

„Вардар никогаш нема да згасне во иднина ќе биде најмалку на ова ниво каде што е сега, во моментов. Ќе сториме се што е во наша моќ, во моја моќ, овој Вардар да биде каде што треба да биде“, ни изјави Михајловски по завршувањето на фајнл-фор завршницата во Келн.

Една година подоцна, тој влегува во акција. Прва цел на Михајловски е задржување на дел од ракометарите.

Тимур Дибиров има понуда од други екипи, но ќе чека целосна разврска, дали Вардар ќе оди по стабилни патеки. Секако тука е капитенот, Стојанче Стоилов, чиј договор исто така истече со завршувањето на сезоната, но тој сигурно ќе се бори до крај.

На списокот се Иван Чупиќ, Де Толедо, Кристијан Дисингер, Глед Калараш, како и репрезентативниот голман, Борко Ристовски. За Борко веќе е познато дека ќе остане, неговата мисија беше да му помогне на Вардар.

Покрај овие играчи во составот ќе има и млади ракометари, но и странски засилувања.

Македонскиот тим оваа сезона промени тројца тренери, останува Михајловски да седне со Стевче Алушовски.