Првата трка од годинешниот шампионат во Мото ГП би можела да се одржи во Херес, секако не во време кога беше планирано Гран-прито на Шпанија, туку на 19 јули. Сезоните во категоријата Мото2 и Мото3 веќе започнаа со трката во Катар, по што Светското првенство беше стопирано поради пандемијата на коронавирусот и нема официјална информација кога ќе се продолжи со активни трки.

Австриските магазини известуваат дека Дорна планира да ја започне сезоната на Херес, што би можело да биде полесно за тимовите, бидејќи најголемиот дел од опремата моментно се наоѓа во Леида, Шпанија. Дорна има поддршка во андалузиските власти кои гледаат можност да го промовираат својот регион и туризмот во него со одржување на трката.

Според овој план, трката во Херес би се одржала на 19 јули без гледачи, по што следат оние во Чешка на 9 август и во Австрија седум дена подоцна. За повеќето европски трки, Дорна нема да добие пари од организаторите оваа година, бидејќи нема да има приходи од продажба на билети.