Одново се актуелизира една стара приказна од пред 25 години, кога шпанскиот „Мундо Депортиво“ пишуваше дека Дражен Петровиќ и Дејан Бодирога, легендите на Реал Мадрид биле браќа по крв, односно Хрватот и Србинот биле во многу блиска роднинска врска.

И двајцата доаѓале од семејството Петровиќ, потекнуваат од Херцеговина. Имено Јован Петровиќ, дедото на Дражен и Ацо, прославените кошаркари, и Госпава Петровиќ, бабата на Дејан Бодирога, биле брат и сестра. Синот на Јован, Јоле како службеник доаѓа во Шибеник, се жени со Бисерка и ги добива синовите Дражен и Ацо.

Госпава Петровиќ, бабата на Дејан, заминува во Банат, таму се мажи во семејството Бодирога, добива син Васо, а тој пак му е татко на прославениот српски кошаркар.

Ако ова е вистина, тогаш јасно е дека Дражен и Ацо во најмала рака се барем 50% Срби, но тоа не е ни толку важно. Поважно е што оваа „приказна“ пред неколку години ја потврдила и Бисерка, мајката на Дражен, барем така пишуваат српските медиуми. Рекла дека нејзиниот сопруг имал доста роднини во Банат, во Зрењанин, односно Клек, од каде што потекнува самиот Бодирога.

Супер интересно, можеби затоа и двајцата, Дражен и Дејан, во свое време беа најдобри кошаркари во Европа, беа најдобри во Реал, најдобри меѓу „кралевите“.

Ништо не е случајно. Нели?