На 9 октомври 2016 година, нашата најдобра фудбалска репрезентација, во меч од квалификациите за СП 2018 во Русија, ја дочека Италија. Добра атмосфера направија тие близу 27.000 –28.000 фанови на Арената во Скопје, во меч кој малку недостигаше да дојдеме до подобар резултат од тие 2:3.

Белоти во 24.минута им донесе водство на „аѕурите“, за да во 57. и 59. минута Арената просто „експлодираше“. Прво Илија Несторовски израмни го тресеше Буфон за 1:1, за да потоа прекрасната акција на Пандев и Нестор, со прекрасен гол ја заврши Ферхан Буба Хасани за 2:1 за Македонија. Големиот Џиџи беше на колена, невидена еуфорија на Арената, ретко сме доживеале такво славје на трибините. И заслужено, Македонија до тие моменти беше одлична. Имавме шанса и за 3:1, и тогаш како што обично се случува дојде казна, и тоа жестока. По двата кикса на нашата одбрана Чиро Имобиле прави пресверт за 2:3 за гостите и за победа на Италија.

Нам ни остана само да жалиме, ја имавме таа Италија, го имавме повеќекратниот светски првак во раце, но ни се измолкна.

Селекторот на Македонија Игор Ангеловски на овој меч сметаше на: Богатинов, Шиков, Мојсов, Ристовски, Ристевски, Жута, Спировски, Пандев, Несторовски, Хасани, Алиоски. Играа и: Б. Ибраими, Петровиќ и Трајчевски.

Џанпјеро Вентура, селекторот на „аѕурите“ мечот го започна со: Буфон, Барзаљи, Бонучи, Де Шиљо, Ромањоли, Кандрева, Бонавентура, Верати, Имобиле, Белоти, Бернардески. Настапија и: Пароло, Сансоне и Едер.