Ако не се смета Порто, со оглед на тоа дека Вардар во септември 1987 година беше првак на екс-СФРЈ и играше под знамето на таа земја во Европа, или пак Вардар и Пелистер кога ја дочекуваа Ц. Звезда во последната 1991/92 сезона во некогашна Југославија, тогаш Слога Ј е клубот кој што прв од нашите успеа да донесе екс- европски првак во самостојна Македонија.

Ривалот во тој август 2001 година беше Стеауа, и тоа во двомеч од 2.квалификациско коло во ЛШ. Чаирчани прво го минаа Каунас за да потоа бидат елминирани од Стеауа, која беше шампион на Европа во сезоната 1985/1986 и која успеа да ги победи „гулабите“ со вкупни 5:1. Инаку, Слога Југомагнат во тој период имаше вистински дрим-тим кој „дрмаше“ со мак-фудбалот, а составен дел беа капитенот Мемеди, одличниот голман Гого Јовчев, Омерагиќ, Чолаковиќ, Бегановиќ, се разбира голгетерот Беќири, Мисердовски, Мустафи…

Интересно, Стеауа уште еднаш играше со наша екипа во квалификациите во Лигата на Шампионите. И тоа во сезоната 2013/2014 кога преку Вардар , исто така со 5:1, успеа да се пласира во следната фаза.

Втор по ред некогашен европски шампион што дојде и одигра официјален европски меч во самостојна Македонија, беше Хамбургер. Клуб кој на 10 јули 2005 година и гостуваше на прилепска Победа. Тоа беше меч од Интер – тото Купот.

Некогашни европски шампиони донеле и Работнички, кој во летото 2010 година просто ја “запали“ фудбалска Македонија кога го донесе Ливерпул, а посебна приказна беше онаа на Шкендија кога во летото 2017 година го донесе Милан во Македонија.
Сепак и Милан и Ливерпул, беа преголеми залаци за Шкендија и Работнички.

Мораме да се навратиме одново на септември 1987 година кога Вардар, како шампион на екс-СФРЈ, ги одмери силите со важечкиот во тој момент еврпски првак, а тоа беше Порто. И само тогаш еден наш тим играше со актуелен европски првак.

Па така да заклучиме. Многу наши екипи во самостојна Македонија играа во фудбалска Европа, но само Слога Ј како прва, Победа како втора, Работнички, Вардар и Шкендија успеале да “донесат“ некогашни европски прваци.

А тоа се екипите на Стеауа (двапати), Хамбургер, Ливерпул и Милан.