Најславниот ден во својата историја градот Штип го имаше на 20 септември 1978 година. На тој ден градот под Исарот беше светска сензација, беше барем 24 часа центарот на светот. Пред 42 години од фудбалот се простуваше легендарниот штипјанец Драгослав Шекуларац, еден од најголемите фудбалски генијалци во историјата на оваа игра. Во негова чест, тогаш во Штип дојдоа во тоа време мега – ѕвездите на светскиот фудбал, како Еузебио, Еду, Џаиќ, Сантрач, Рилдо и другите, и одиграа пријателски меч против тогашниот состав на Брегалница. Повозрасните штипјани велат дека цел град бил на стадион, имало 12.000 гледачи, тоа било рекордна посета на еден фудбалски натпревар во Штип.

Тоа било спектакл од невидени размери, сите сакале да му одадат чест на Шеки, кој сторил се што можел родниот Штип да има прилика да види мега ѕвезди.

Сепак после Шеки, најголема ѕвезда бил славниот Еузебио, репрезентативецот на Португалија, член на Бефика со потекло од Мозамбик. Во негово време „Црниот пантер“, како што го нарекувале, бил тоа што сега се еден Меси или Роналдо во светот на фудбалот. И ете, таков играч дошол во Штип, и затоа штипјани се горди на тој датум, на таа средба, на тој спектакл.

Инаку тоа било натпревар, за кој е говорело со денови, месеци, со години, а и сега се говори под Исарот, во кој се сретнале домашната Брегалница и Њујорк Иглс.

За Њујорк Иглс настапиле: Залад (Партизан), Тешан и Молина (Парагвај), Харви (Англија), Рилдо (Бразил), нашиот Клинчарски (Партизан), Еузебио (Бенфика), Еду (Бразил), Сантрач, Шекуларац, Џаиќ. Играле уште и Тејлор (Англија) и Митеу (Перу).

За Брегалница настапиле: Димовски, Иванов, Штериев, Костов, Арсов, Цеков, Здравков, Икономов, Алексовски, Илиев, Цекиќ. Играле уште и: Станоевски и Јакимов.

Гостите победиле со 4:2, а хет-трик постигнал најдобриот стрелец во историјата на екс – СФРЈ Слободан Сантрач, еден гол дал и Харви, додека за Брегалница стрелци биле Јакимовски и Станковски.

Да кажеме како специјален гостин на овој натпревар, на овој спектакл во Штип, присуствувал и Миљан Миљаниќ, најславниот тренер во екс – СФРЈ, инаку роден во Битола.