Светската одбојкарска федерација соопшти дека поради пандемијата со коронавирусот е откажана сезоната во Лигата на нациите 2020 и во машка и во женска конкуренција. ФИВБ наведе дека градовите домаќини не се во можност да обезбедат безбедно учество на спортистите и навивачите, како и високо квалитетно натпреварување. Одлуката заеднички ја донесоа Советот на Лигата на нациите, Административниот борд на ФИВБ и учесниците, како и организаторите на турнирот.

ФИВБ соопшти дека со сите учесници внимателно ќе работи на календарот и распоредот на Лигата на нациите за 2021 година. Исто така ќе се договараат со Италија и Кина за организација на финалните турнири во ЛН 2021.

ФИВБ го откажа и Челинџeр купот 2020, квалификациските турнири за ЛН 2021 кои требаше да се одиграат во Португалија и Хрватска.