На 23 август 1992 година, значи пред 28 години, се одигра првото коло во првата сезона во ПМФЛ во самостојна Македонија. И веднаш големо дерби, и тоа меѓу Победа и Вардар, и тоа во Прилеп и тоа пред 10.000 гледачи. Стадионот под “Маркови Кули“ просто крцаше, а се сретнаа амбициозната Победа и силниот тогаш Вардар. 

Амбиент за милина, за уживање, за фудбалски сладокусци. Победа успеа да поведе со голот на Тони Наумоски по продорот на Гоце Марковски. Ерупција од воодушевување во Прилеп, во таа 31.минута. Тогаш фановите на Победа се викаа „Маркови внуци“, имаа и помош од „Чкембарите“. Фановите на Вардар се најавуваа, но нив ги немаше на трибините. 

Набргу вардарци израмнија на 1:1 и тоа со голот на Тодоровски. Судија на ова прво големо дерби беше прославениот судија од Кавадарци Слободан Јовиќ, а делегат беше Боро Цеков од Штип.

Ова беше првото големо дерби во самостојна Македонија, а најинтересните моменти беа одбележани од неколку камери од тогаш РТВ Скопје.

За Победа на тој меч настапија: Мицевски, Илијовски, Филипоски, Тодороски, Милевски, Иванов, Јошески (Милошески), Маркоски, Наумоски, Стојкоски, Крстески (Митрев). Тренер беше Георгиев. Подоцна Манта Стојкоски, Тони Наумоски, Дарко Крстески, Зоран Мицевски станаа и репрезентативци на Македонија. 

За гостите од Скопје, за Вардар на ова дерби настапија: Зекир,  Наумовски, Спасески, Костов, Бабунски, Марковски, Урошевиќ (Ефтимов), Тодоровски, Најдоски (Петрески), Ќириќ, Милошевски. Тренер на оваа силна екипа на Вардар беше Ѓоко Хаџиевски.

Вардар значи на првиот меч во самостојна Македонија одигра само реми, но затоа на крајот беше и повеќе од убедливо прв во таа прва сезона во ПМФЛ.