✍️ Подготви: Марија Ковачева


⭕ По пандемијата коронавирус не смееме да дозволиме да дојдеме во ситуација во која спортот би се третирал како луксуз.

⭕ Моето мислење како претседател на Металург е дека треба многу мудро да се поделат местата во Европа и СЕХА-лига. При таа поделба никако не смее да се занемарат 17. одиграни кола во домашното првенство во сезона 2019/2020.

⭕ Почетоците беа интересни, но и захтевни. Со оглед на тоа што јас немав подготвителен период, морав да трчам без да застанам, да учам и работам во од.

Металург, како и сите останати клубови чека конечна одлука за крајот на сезоната, особено за оние места кои водат во Европа. Додека трае неизвесноста тимот од Автокоманда веќе почна да го крои составот за битките кои доправа доаѓаат.

Ретко кој веруваше дека овој тим ќе почне да ги решава натрупаните долгови. Две години Металург е во рацете на Зорица Блажевска, која ја извршува функцијата на претседател.

Блажевска отворено за СПОРТМЕДИА зборува за моменталната ситуација со пандемијата коронавирус, очекувањата за сезоната што завршува, онаа што допрва доаѓа, како и за долгувањата кои ги имаше овој клуб.

❓ Пандемијата коронавирус целосно го запре спортот, дел од клубовите бележат големи загуби. Како Металург се справува со целата ситуација, дали ќе има негативно влијание?

🔵 „Не верувам дека во било кој спорт, било каде, постои клуб кој порано или подоцна нема да ги почувствува последиците од кризата предизвикана од коронавирусот. Стабилноста на Металург долгорочно како и на останатите ќе зависи од стабилноста на спонзорите, но и третманот што ќе го има спортот од страна на државата. Не смееме да дозволиме да дојдеме во ситуација во која спортот би се третирал како луксуз. Затоа се надевам дека со крајот на оваа сезона ќе заврши и вонредната состојба и привремените мерка, а новата сезона ќе започне во нормални услови. Во таква ситуација, последиците би биле подносливи за сите, и за играчите и за клубот“.

❓ Дали мислите дека спортот ќе се промени поради Ковид-19?

🔵 „Посакувам да се смени на подобро, посакувам после сето ова што поминуваме, да почнеме повеќе да го вреднуваме спортот, спортистите и спортските работници. Секоја шанса да се искористи за да се даде поддршка, сеедно дали со купена карта и редовно присуство во сала на натпревари или со поддршка на сопствените деца, внуци, другари при спортување.

Мојата желба е тоа, но моето мислење е дека долго време нема да бидр ништо исто како пред „Ковид-19“. Салите ќе бидат некое време без публика, патувањата ќе бидат сложени за организација, не може да се почне со организирање на подготовки и слични дејствија кои биле карактеристични за овој период. Многу клубови после оваа криза нема да можат ни да ги задржат своите играчи, можеби некои и ќе згаснат за жал“.

❓ Сезоната во Македонија е завршена. Во исчекување на седница на Управниот одбор на РФМ, кои се вашите размислувања околу доделување на местата во Европа?

🔵 „Моето мислење КАКО ПРЕТСЕДАТЕЛ на Металург е дека треба многу мудро да се поделат местата во Европа и СЕХА-лига. При таа поделба никако не смее да се занемарат 17. одиграни кола во домашното првенство во сезона 2019/2020 иако пред нас е одлука првенството да биде прекинато. Сите клубови до тој момент вложија средства и труд и тоа не смее да биде занемарено,  иако нема да биде пресудно при поделбата на местата.

Металург после 17 одиграни кола е на првото место во домашното првенство. Доколку се навратиме на минатата сезона 2018/2019, Металург е актуелен освојувач на Куп на Македонија. А доколку се вратиме и неколку сезони наназад, Металург е долгогодишен учесник во Лигата на Шампионите. Затоа сметам дека местото на Металург е во Лига на Европа и тоа директно во групната фаза. Истовремено Металург ќе игра и домашно првенство, во било која ситуација.

Моето мислење КАКО ЧЛЕН НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА РФМ, е дека ќе имаме многу неблагородна задача при поделбата на местата на маса. Како и да одлучиме, ќе има незадоволство, а тоа е непосакувана разврска. Затоа апелирам до сите засегнати да бидат спремни на компромис, да не вршат никаков притисок, а најважно да се придржуваат кон фер правилата, бидејќи пред се ние сме спортски работници. Никој преку ноќ не станал шампион, тоа е макотрпна и повеќегодишна работа која мора да се почитува. Не може на Вардар како европски шампион и СЕХА-шампион да му се одземе правото да се обиде да си ги одбрани титулите. Затоа тука нема простор за размислување. Но, не може да се занемари ни улогата на Металург во создавањето на клупскиот рејтинг во ЕХФ низ годините. При валоризирањето на клупските резултати, треба да се погледне малку подлабоко во минатото, за да може да се донесе вистинска одлука во ваква вонредна ситуација“.

❓ Во Автокоманда е доста раздвижено, тимот стана привлечен на познати ракометни имиња. Кои се вашите планови за сезоната што доаѓа?

🔵 „Автокоманда никогаш не спие. Нашиот план е следната сезона да биде уште еден чекор во стабилизирање на клубот на секој план и чекор плус во зацртаниот долгорочен план за враќање на клубот на шампионскиот трон и меѓу најдобрите“.

❓ Не е тајна дека сметката на Металург беше целосно блокирана, имаше и стари долгувања кон поранешни членови. Каква е ситуацијата сега?

🔵 „Тоа е дел од мојот план, кој до почетокот на кризата успешно функционираше. Доколку не се случеше застој во сите сфери, долгот на Металург во март ќе беше целосно исплатен. Ваучерот беше сосем доволен за моменталните побарувања. Се надевам дека веднаш по стабилизирање на состојбата ќе продолжам каде што застанав и пред да почне новата сезона ќе се пофалам со уште една прескокната пречка“.

❓ Која е вашата визија за во иднина. Добро е познато дека токму Автокоманда е расадник на таленти и репрезентативни имиња…

🔵 „Металург бил и ќе остане расадник на играчи и репрезентативци. Ние го негуваме тој одамна воспоставен систем. Нашата Академија, нашите школи низ цела држава се извор на ракометни бисери. Ние ги препознаваме тие бисери, ги поддржуваме, правилно ги насочуваме и штом ќе дојдат на соодветна возраст, ги селектираме. Од тука произлегуваат нашите пионери, кадети, а подоцна младинци и сениори“.

❓ Каква сезона очекувате, иако е време на коронавирус, сепак тимовите се засилуваат…

🔵 „Очекувам сезоната да почне малку порано ова лето, барем припремниот период. Со тренерот Кастратовиќ сме согласни дека јули ќе стартуваат нашите подготовки. Датумот ќе го одредиме веднаш штом имаме информации за отварање на границите. Тогаш би започнале во Автокоманда еден краток период, но со оглед на високите температури би продолжиле некаде надвор на висински подготовки.

Со надеж дека ќе го добиеме местото што го заслужуваме, ветуваме одлични европски натпревари како и интересно домашно првенство.

Костурот на тимот останува ист, клубот го напуштија Танкоски и Арсеновски, на кои им завршија договорите и не им беа понудени нови. На дел од останатите на кои им истекува Договорот ќе им биде понуден нов.  Дупјачанец и Лазаревски веќе ги продолжија, а во минатата недела тимот го засилија Момир Рниќ, Бранко Канкараш и Никола Потиќ. Во тек се преговори со уште неколку играчи кои би дошле како засилувања“.

❓ Која е вашата оценка за квалитетот на домашниот шампионат, што треба да се промени, што да се негува за да имаме и квалитетна репрезентација?

🔵 „Моето мислење е дека само со силно домашно првенство, може да се развива нашиот ракомет. Македонските играчи треба да имаат причина за да останат во македонските клубови барем до 23 години, а тоа се силни домашни клубови и домашни натпревари. Со вакво првенство веќе сме ја завршиле и половина од работата со репрезентацијата. Најодговорно тврдам дека Металург како клуб има посебен третман со репрезентативците, нивните подготовки и минутажа на натпревари. Секогаш клупските резултати се во втор план, нивниот развој е приоритет“.

 

❓ Веќе две години ја извршувате функцијата на претседател на Металург. Какви беа почетоците со оглед на тоа бевте единствена дама во машкиот свет?

🔵 „Почетоците беа интересни, но и захтевни. Со оглед на тоа што јас немав подготвителен период (се смее) морав да трчам без да застанам, да учам и работам во од. Од оваа перспектива, мислам дека успеав. А не се променив воопшто, не станав типичен претседател/директор фотељаш, се уште сум истата од моето доаѓање во Металург пред 5 години, само обврските се многу поголеми. Јас патувам заедно со мојот тим на сите натпревари. До сега имам пропуштено само еден меч поради болест и не можам да го прежалам. Можеби моето место во клупскиот автобус е бр.1, но е во истиот автобус, истиот лет, хотел, аеродромски ходник. Се уште сум она по што ме препознаваат, мајка, другар, пријател, а најпосле претседател.

Успеав да изградам еден однос со луѓето во РФМ и ЕХФ со кој се гордеам. На тој начин си ја олеснив работата, многу научив но и имам поддршка која е добредојдена за клубот и македонскиот ракомет воопшто.

Односите со колегите од другите клубови се одлични, професионални но и пријателски. Веќе подолго време сме тука едни за други, се советуваме, поддржуваме, тука во ниеден момент не почувствував отпор или непочитување. Се додека владее фер и коректен однос, ќе има соработка и поддршка. Сите останати субјекти, кои заборавиле кои се основните темели на спортот, за мене не постојат.

Мојот глас и тоа како се слуша и тоа надалеку (се смее). Досега никој не ме надвикал. Мала шала на крај од едно навистина сериозно излагање“.

❓ Дали во овој период имавте непријатни ситуации, колку се слуша вашиот глас?

🔵 „До овој момент не сум доживеала никаква непријатност, ниту во еден момент на непочит. Моите играчи се млади луѓе, културни и воспитани во духот на 21 век. За нив во ниеден момент не беше необично што имаат жена претседател. И да, кога јас зборувам сите слушаат, но кога тие имаат што да кажат, знаат дека јас сум секогаш тука за нив, да ги ислушам и помогнам. Тоа е веројатно и нашиот рецепт за успех, слога и почитување“.