Навивачката група на Пелистер „Чкембари“, испрати апел до општина Битола и до граночалникот Наташа Петровска за да се почне со отстранување на техничките недостатоци на салата „Боро Чурлески“ во Битола, за да може Еурофарм Пелистер да ги игра европските натпревари.

„Почитувани, најдобронамерно и најискрено Ве замолуваме, ДА ГИ РАЗГЛЕДАТЕ минатонеделните услови кој Европската ракометна федерација ги постави за тоа што се треба да поседуваат салите домаќини на европските натпревари. Нашата сала дел од тие технички побарувања НЕ ГИ УСПОЛНУВА. Денес сме 11-ти Мај, имате доволно време да обезбедите финансиски средства за да се отстранат техничките недостатоци. Доволно време да објавите тендери, жалбени постапки… итн.

Имате време, АКО тоа започнете да го реализирате ДЕНЕС!

Еурофарм Пелистер, деновиве сведоци сме дека одвојува и милионски(евра) суми да направи тим каков што заслужуваат Битола и Пелистер. Фер е како партнери да им овозможите тоа што е во ваша надлежност да имаат можност да играат во Битола. Да не биде утре касно и да трчаме во 5 до 12 да бараме кој е виновен што нема да смееме да играме во Битола.“, се вели во апелот на навивачите на Пелистер.