Во среда се навршуваат точно 30 години од “најславниот“ инцидент во историјата на фудбалот на овие простори. Тоа беше денот кога не се одигра дербито на “Максимир“ меѓу Динамо – Ц. Звезда, на тој ден се чини почна и распадот на екс – СФРЈ. Познато е, дојде до тепачка меѓу „БББ“ и “Делиите“, милицијата интервенираше, а свој „момент“ имаше и Звоне Бобан, тогаш еден од најдобрите фудбалери на овие простори и симболот на Динамо Загреб, на новата Хрватска.

Тој не можејќи да гледа како милицајците удираат со пендреци по домашните фанови, упати “волеј“ кон еден милицаец, потег кој за малку ќе бил фатален за него. Посебно ако се знае што подоцна, по неколку години децении, изјави токму тој милицаец, кој се вика Рефик Ахметовиќ.

“Можев да го убијам Бобан. Па тој ме нападна на работно место. Тренерот Куже го спаси, на време го тргна од целиот тој хаос. Ние се обидувавме да ја смириме ситуацијата. Јас имав при себе пиштол кој беше полн со муниција, колегите ми викаа да пукам во грбот на Бобан. Секако дека не очекував таква реакција од Звоне. Интересно е тоа што подоцна истите тие колеги ме наговараа да одиме во таборот на Динамо и да ја „испегламе“, ситуацијата со Бобан, но јас не сакав“ истакнува милицаецот кој се “прослави“ откако беше удрен тој 13 мај 1990 од страна на фудбалерот.