Силекс, еден од нашите најтрофејни клубови, имаше успешно деби во фудбалска Европа, и тоа пред 25 години. Прво претставување на Македонија за кратовци и пласман во следната рунда во квалификациите во Купот на Куповите на Европа, и закажување двомеч со Борусија Менхенгладбах.

Но да тргнеме со ред. Европското деби кратовци, под водство на Зоран Смилевски, го имаа на 10 август 1995 година во Унгарија, кај тимот на Вац Самсунг. Меч кој заврши со резултат 1:1. Стрелец на голот за нашиот тим беше Ванчо Мицевски.

И тогаш дојде реваншот. На 14 август 1995 година прв европски меч во Кратово, се испишуваше клупската историја. Од видеото се гледа дека имало најмалку 6000-7000 гледачи на Градскиот стадион, трибината “крцаше“ а домашни фанови имаше и зад оградата од другата страна на трибината. Цело Кратово беше на стадион, можеб ова е и рекордната посета на еден меч на Силекс на својот стадион.

Одлична игра на момците на Смилевски, победа од 3:1 и пласман во следната фаза. Двоен стрелец беше Мемеди, кој тоа лето во Европа за Силекс играше како позајмен играч, а еден гол даде и Илче Боров. Тука беа и Захариевски, Андовски и други.

Гледајте и уживајте во играта и победата на Силекс.