Гоце Седлоски одново во Динамо Загреб. Во клубот каде што остави длабока трага, овој пат со нова улога – како тренер на вториот тим.

„Се врати капитенот на Динамо, и миленикот на навивачите Бед Блу Бојс“, вака го преставија Седлоски по враќањето во Загреб.

После пристигнувањето во Хрватска, и 14-дневниот задолжителен карантин, Седлоски денеска беше промовиран на клупата на најтрофејниот хрватски тим.

„Не сум бил долго во Загреб, само кратко кога гостував со репрезентацијата и со Вардар кога игравме против Динамо“, рече Седлоски во разговорот за телевизијата „РТЛ“.

Тој истакна дека ќе се обиде да остави трага и како тренер на екипата.

„Тогаш постигнав 24 голови и како играч од одбраната тоа се многу. Ќе се обидам да го направам тоа што го направив и како играч, да оставам голема трага“, вели Седлоски кој додаде дека во изминатиот период ги следел играчите од тимот, и дека добар дел од нив се и во првиот тим на „модрите“ кои јуришаат кон нова титула во првенството.

Седлоски се споменуваше и како тренер на првиот тим на Динамо откако беше спогодбено раскинат договорот со Ненад Бјелица.