Димитар Василески – Саричко, денеска поднел оставка од функцијата Претседател на бордот на директори и неизвршен директор на бордот на РК Охрид. Во образложението за оставката, Василевски вели дека не може да се помири со неспортската и крајно лицемерна одлука на РФМ со кроењето на табелите и местата кои водат во европските купови за следната сезона.

„Почитувани, сакам да ја известам спортската јавност дека денес поднесов оставка на функцијата Претседател на бордот на директори на ГРК Охрид како и на функцијата неизвршен директор во бордот. Директен повод за овој мој потег е нечесниот, неспортскиот и крајно лицемерниот однос на Ракометната федерација на Македонија кон нашиот клуб, однос кој кулминираше со вчерашната одлука на УО на РФМ за кроење на табелите и местата кои водат во Европските купови „нормално”, во тие и такви игри, комбинации и махинации губитник беше ГРК Охрид. Ако се потсетиме на досегашниот аршин кон нас, одлуката беше очекувана. ГРК Охрид е тим со убедливо најголема гледаност на домашен терен, клуб чии младински, кадетски и пионерски екипи се први или меѓу првите во своите старосни категории, клуб кој ги подмири своите долгови и кој редовно ги сервисира тековните трошоци. Но, од друга страна, ГРК Охрид е најказнуван клуб во лигата, клуб чии млади играчи волшебно се испуштани од вид кога се прават репрезентативните списоци за млади категории, клуб со процентуално најголемо намалување на ваучерот за даночно ослободубање… Капак на се ГРК Охрид беше единствен оштетен од вчерашното кроење и прекројување на лигите. Сите други екипи, на таа зелена маса си ги исполнија своите цели. Кој сакаше Лига Шампиони, ја доби,кој сакаше Лига Европа ја доби, кој сакаше излез во Европа-доби,кој сакаше опстанок-доби, кој сакаше влез во Супер лига-доби… Само Охрид грбав… Можеби бидејќи не игравме и се надевавме само на спортските терени, а не на зелените маси, преку разно-разни пријателски, кумовски и рекеташки лобирања. Ние тие игри не сакаме и не знаеме да ги играме. Веројатно е и нормално што изгубивме… Нека во служи на чест, дами и господа од РФМ… Лично, не можев и не можам да преминам преку тоа, да останам тивок и покорен. Не… Не и по цена да го напуштам клубот чиј подржувач и спонзор бев од самото основање. ГРК Охрид не треба и не смее да трпи заради вистината која ја кажувам пред цела спортска јавност. Затоа го напуштам. За слободно да можам да кажам дека РФМ е гнездо на рекеташи, на уценувачи и на луѓе кои во ракометот гледаат само личен (воглавно финансиски) интерес ,со чест на многу, многу ретки исклучоци. Заради такви како вас што само земаат, заминуваат такви како мене што само даваат… На моите соработници од управата, на тренерите и на играчите на ГРК Охрид им се заблагодарувам на досегашната прекрасна соработка и им посакувам бројни победи и успеси во иднина“, стои во образложението на оставката на Василески.

извор и фото: ohridnews.com