Пишува: Марија Ковачева

Сапуницата околку крајот на сезоната во Првата лига заврши. Управниот одбор по вторпат гласаше и одлучи: нема прогласување на шампион и испаѓање, но ќе има проширување на бројот на екипите за плус два члена кои ќе дојдат од Втората лига. Засега нема нови најави како ќе биде решено прашањето околку второлигашите, најверојатно ќе чекаат подобри времиња.

Но, додека дојдовме до крајот видовме се и сешто. Искрено мене ми наликуваше на КОШАРКАРСКА КОРОНА која за ралзика од актуелниот „Ковид-19“ не е опасна по животот на луѓето, но дефинитивно срамна и далеку од спортска.

Чест на исклучоците, имаше тимови кои се однесуваа џентлменски, не влегуваа во конфликт со никого, ниту пак навредуваа или ги споделуваа оние видео-записи, статистики и коментираа каде ќе стигнат.

Наместо сите заедно, сплотено, на еден мирен начин да ги решаваат проблемите, да си помогнат во овие тешки денови, дел паднаа на основното правило во спортот – КУЛТУРАТА, од раководството на КФСМ до главните фаци поставени на чело на клубовите и нивните потрчковци.

Јас лично ја изгубив и онаа мала желба да го следам овој спорт, кој многу години беше мојот извор на позитивна енергија и инспирација за пишување.

Тие што не се на страната на Перо Антиќ си дозволија да го навредуваат иако нивното СИВИ е скромно односно сиромашно. Во нашиот речник има други зборови за критика. Ваквото однесување го видовме во времето на Петар Наумоски, кој искрено си го „испрља“ името обидувајќи се да ја подигне кошарката, а сега истото му се случува на единствениот Македонец кој играл во НБА-лига и има богата кариера со вредни трофеи.

Не го оправдувам ниту Антиќ, за неговите постапки, за обидот да го погази новинарскиот збор со закани и тоа кога еден автор го изнесува спортски своето мислење. Не го оправдувам Антиќ оти си го насамари епитетот „пишман Аџија“, дозволи кошарката да се претвори во сапуница, дозволи идните генерации, но и сите оние кои гласаа за него и го поддржуваа да видат една друга страна – НЕРЕШИTEЛНОСТ.

Или ќе ја забиеш топката или ќе се удриш во обрачот, трето нема.

МАЈКА И МАЌЕА во кошарката не смее да има. КФСМ треба да биде институција во која лидерите ќе се почитуваат, но тој респект се добива само во здрава средина, подготвена да работи за спортот, не за политиката, денеска се едни на власт, утре се други…Оваа честа пракса, практично ни го уништи едниственото нешто кое е причина за среќа меѓу вљубениците на овој спорт.

Од очи не можам да ги тргнат дел од клубовите кои јавно ја покажаа својата незрелост на своите официјални профили, кои ги сфатив како нарачани. Сите тие заборавија дека социјалните мрежи се достапни и на најмладите. Се прашувам на каква спортска култура ќе ги научат?

До денеска требаше да победи СПОРТОТ, за жал кошарката е поразена, токму поради сето ова. Никој да не се осмели да биде горд за сработеното, туку да почне да работи на себе, својата култура, а на критиките или „лошите“ одлуки да пристапи на еден поинаков начин. Ова е едниствениот клуч за враќање на публиката на трибини.

Кошаркарски маскембали, сапуници, фикс идеи, закани, лични пресметки, судови, не поминуваат кај никого.