Работнички излезе со соопштение откако КФСМ и официјално стави крај на сезоната без да прогласи шампион. Најтрофејниот кошаркарски колектив испрати порака до градскиот ривал МЗТ Скопје, кој најави војна против Перо Антиќ и соработниците.

„Почитувани љубители на кошарка,

Изминатите неколку недели се изначитавме и изнаслушавме разни реакции од нашиот вечен ривал, како некој на нив им ја одземал титулата. Прво сакаа да бидат прогласени за шампиони со 45-50% одиграно првенство и само 1 поен пред нашиот Работнички, потоа кога најголемиот број од клубовите беа против и со укажување дека титула се добива на терен а не во канцеларија.

Потоа добивме нов предлог да се доиграло првенството само со домашни играчи. И сега очигледно изгледа дека сите останати клубови кошаркарски па и останатите од ракомет, фудбал, одбојка итн. во нашата држава а и секаде низ свет решиле заради пандемијата да ги прекинат спортските настани а и во најголем дел да донесат одлука иста како што донесе КФСМ, да заврши првенството без победник со постоечката табела и без испаѓање. Но, за почитуваните од МЗТ и тоа не беше доволно, па почнаа со лични навреди што преку навивачи, преку социјални медиуми и квази соопштенија каде и имавте разни навреди:
-ќебап
-навреди на национална основа
-златар
-дебел
-ќељав
-неписмени градоначалници
-свиња итн

Решивме да им поставиме неколку прашања:

1. Како ќе се игра кошарка кога има забрана за собирање во група не поголема од 5 луѓе?

2. Како ќе се држи растојание од два метра?

3. Дали играчите за да ги почитуваат мерките ќе треба да играат со маски и ракавици?

4. Што ќе се случи ако еден играч зарази цела екипа од ковид 19 и со тоа бидат ставени во карантин, дали истите ќе се дисквалификуваат?

Почитувани господа од МЗТ (ние сме урбани луѓе и не користиме примитивизми како гореспоменатите) ви порачуваме на вас и пред се на вашиот директор дека работите не се решаваат на мускули, некогаш треба да се вклучи и мозокот!

А сите што најавуваат разни војни и употребуваат закани, нека не не смеат, од сите војни секогаш сме излегувале посилни.

Со почит,

КК Работнички“, се вели во соопштението на Работнички.