Раул Гонзалез веќе втора сезона е на клупата на ПСЖ. Некогашниот македонски селектор и предводник на првата златна генерација на Вардар оваа година ќе се обиде на францускиот тим да му го донесе првиот трофеј во Лигата на шампионите. Поради коронавирусот ЕХФ одлучи на Ф4 директно да се пласираат ПСЖ, Барселона, Кил и Веспрем, најдобро пласираните екипи по групната фаза.

Тој за „Марка“ зборуваше за шпанските стратези и нивниот напредок во светот на ракометот, како и за искуството во овие две години минати како тренер на ПСЖ.

Гозналез признава дека е многу потешко да си во Париз отколку во Скопје.

„Јас сум млад тренер, и секако имаме разлика меѓу Вардар и ПСЖ. Со Вардар имав доволно време да се подготвам за Лигата на шампионите, додека во Париз е поинаку. Лигата е посилна, не можам да спијам, имам малку време да се подготвам за тие мечеви. Понекогаш Лигата на шампионите ја дочекуваш без вистинска подготовка. Првата година беше навистина тешка за мене“, вели екс-тренерот на Вардар.