Светската кошаркарска федерација продолжува со серијата на прикажување на најголемите натпревари низ историјата на светската и на европската кошарка.

Во календарот на ФИБА, на 15. мај е поставен веројатно и најважниот натпревар кој македонската сениорска репрезентација го одиграла во своето постоење.

Полуфиналниот дуел Македонија-Шпанија, од Европското првенство, кое во 2011 година се одржа во Литванија.

Во „Кауно Арената“ во Каунас, бевме рамноправен ривал против топ фаворитот на шампионатот, селекцијата на Шпанија.

На мечот одигран на 16.септември, нашите соништа ги уништи Хуан Карлос Наваро, со неговиот легендарен настап во кој реализираше 35.поени, од нив 19 во третиот период.

На крајот, Шпанија победи со (92:80) и обезбеди место во финалето, Македонија се бореше за „бронзата“ против селекцијата на Русија.

Снимка од овој историски меч ќе биде емитувана на ФИБА „You tube“ каналот, со почеток од 14. часот.