Светската кошаркарска федерација ФИБА, најверојатно, ќе ги одложи сите квалификациски натпревари за континенталните шампионати за следната година, што значи дека за оваа година повеќе нема да има простор за репрезентативни натпревари.

Иако квалификациските натпревари за претстојниот Евробаскет, во кои учествува и репрезентацијата на Македонија, беа планирани за ноември, тие сигурно ќе бидат одложени за следната година. Македонија според распоредот на 27 ноември требаше да и гостува на Италија, а три дена подоцна на Естонија.

Ова е резултат на договорот што раководството на ФИБА, предводена од агилниот генерален секретар Андреас Заглис, го постигна со претставниците на Улеб, што ќе обезбеди повеќе можности и време за националните кошаркарски лиги во новите околности.

Причината лежи пред се во големите организациски и календарски проблеми во кои се најдоа натпреварувањата поради пандемијата на коронавирусот. Поради сето ова, квалификацискиот „прозорец“ планиран за ноември ќе биде преместен во февруари следната година. Наскоро се очекува и официјална потврда од ФИБА.