Крилото на Монако Желсон Мартинс доби сериозен удар откако Француската федерација му ја продолжи суспензијата до ноември 2020 година. Португалецот на 6 февруари на мечот Ним-Монако го турна судијата Микел Ласаж поради што доби шестмесечна суспензија.

Фудбалерот се понадева дека лесно ќе ја прележи казната бидејќи нема натпревари поради коронавирусот, а и Лига 1 прогласи крај. Но Фудбалската федерација мисли на тоа. До запирањето на шампионатот на 13 март биле поминати речиси пет седмици од санкцијата, а истата требаше да истече во август.

Од ФФ на Франција објавија дека забраната нема да биде активна за време на паузата и ќе биде обновена од 1 јули. Тоа значи дека Мартинс ќе почне да игра дури од ноември.