Е. Пелистер не успеа да го задржи Владислав Остроушко, еден од најдобрите ракометари во минатата сезона.

Тој за “Handballfast” открива дека челниците му понудиле нова соработка, но тој не се гледал во овој тим. Остроушко се пожали на условите во кои тренирале зимно време, било ужасно тешко.

„По завршувањето на ЕП, раководството ми понуди нов договор, веднаш го информирав претседателот дека не се гледам во екипата следната сезона. За тимот имам само пофални работи, но она што му фали е сала за тренинг и за играње натпревари. Во Битола е многу стара, без греење, па во зима тренинзите се самоубиство. Некогаш трениравме со капи на главите, некогаш беше исклучена топлата вода во соблекувалните, па моравме испотени да одиме дома за да се истушираме, а надвор беше многу ладно“, вели Остроушко кој призна дека не му лежел начинот на работа на Жељко Бабиќ.

„Бабиќ побара да останам, но јас веќе сум возрасен, опасно е да работам во такви услови. Имавме одличен однос, но тактичките замисли на Жељко се различни од мојата визија за ракометот. Ќе се случеше да минат седум минути, јас да влезам, да дадам неколку гола и тој да ме повлече од игра”.