Сташ Скубе по две сезони во Вардар со полно срце спомени и титула пред се во Лигата на шампиони, замина во таборот на Мешков Брест.

Словенецот беше дел од златната генерација, минатата сезона заедно со останатите момци покажаа дека фаворитите постојат само на хартија, на теренот приказната е поинаква.

„Триумфот во Лигата на шампионите е еден од најдобрите моменти во животот. Не можам да ја опишам таа среќа. Беше мој прв Ф4 турнир и веднаш таква сензација. Работевме напорно, до последната секунда. И покрај сите проблеми тимот покажа карактер. Горд сум на сите момци. Немавме широка клупа, осум-девет играчи го понесовме товарот на Ф4. Секој даде повеќе од 100%. Можеби и среќата не посака, ама настапот на Ф4 се заслужува. Чувствувавме дека можеме да ја освоиме ЛШ со тој ростер. Мечот со Барселона беше многу потежок, затоа што губевме со седум гола на паузата, а потоа имавме импресивен кам-бек. Во финалето едноставно уживавме и немавме притисок. Тоа беше клучот за победата. Веспрем шест пати има играно Ф4, а нема титула, кај нив беше тој притисок. А, ние, немавме што да загубиме. Уживавме на терен, одигравме врвен ракомет“, вели Скубе.

Пречекот во Скопје е незаборавен момент за секој ракометар.

„Тоа беше бајка! Никогаш нема да ја заборавам. Еден од најимпресивните моменти. Македонците се луди навивачи. Најдобри во светот. Секој го сака Вардар, живеат за тој клуб. Задоволство ми беше што ги направив среќни. Се надевам дека клубот пак ќе остане на тоа високо ниво, затоа што има огромна поддршка. Уживање е да се игра пред полн „Јане Сандански“ и да те бодрат 7.000 навивачи. Горд сум што бев дел од Вардар“, додава средниот бек.