Италијанските медиуми попладнево објавија дека Владата конечно даде „зелено светло“ за започнување со групни тренинзи на екипите од Серија А, откако го прифати изменетиот медицински протокол.

Повеќе извори тврдат дека владиниот панел на експерти ја одобри новата верзија на медицинскиот протокол. Истиот беше изготвен од страна на Здружението на клупски медицински лица, Здружение на играчи и други кои ќе треба да го користат протоколот за време на тренинзите.

Според весниците, ќе се земаат по два брисеви во првите 24 часа, а потоа уште по еден на секои четири дена. Фудбалерите ќе прават и дополнителни крвни тестови на секои 14 дена.

Според новиот протокол доколку некој играч е позитивен, само тој оди во карантин, додека остатокот од групата може да продолжи да тренира со континуирано тестирање.

Сето ова гарантира дека тимовите можат да започнат со тренинзи во групи, но кога станува збор за организирање натпревари во Серија А, министерот за спорт Винченцо Спадафора предупреди дека прво се чека стивнување на пандемијата во земјата.