Нашата најдобра фудбалска репрезентација во првите квалификации, и тоа за ЕП 1996 во Англија, се падна во тешка група. Тука беа европскиот првак Данска, па Белгија, Шпанија, па така нашите шанси за победи беа против селекциите на Кипар и Ерменија. Така и беше. 

На 17 декември 1994 година, четата на селекторот Андон Дончевски во Скопје ја дочека селекцијата на Кипар. Го немаше Панчев во составот, но затоа тука беа браќата Бошко и Милко Ѓуровски, кои ретко, се чини само во два или три наврати, заиграа заедно за Македонија. На тој натпревар нашата репрезентација пред околу 10.000 гледачи на тогаш Градскиот стадион, успеа со 3:0 да слави. Сите три гола ги даде Ѓуровски, но не Милко напаѓачот, од кого се очекуваа голови, туку неговиот постар брат Бошко, колку и да звучи неверојатно, беше стрелец на тој хет-трик, и тоа во 14., 25. и 90. минута. Тоа беше најдобрата партија на Бошко во дресот на нашата најдобра репрезентација, веројатно неговиот единствен хет – трик во кариерата, со оглед на тоа дека тој играше во одбраната или средниот ред. Тоа беше меч за паметење на Бошко кој 20 години подоцна беше и селектор на Македонија, но без забележителни резултати.

Да споменеме дека овој хет – трик е еден од ретките кој некогаш ги постигнал наш фудбалер за нашата репрезентација, Бошко со Кипар, Главевски со Лихтенштајн, Трајковски со Ц. Гора…

Кога сме кај тој натпревар со Кипар, да кажеме дека Дончевски мечот го започна со Целески, Станојковиќ, Бабунски, Јаневски кој доби црвен картон, Најдовски, Стојковски, Марковски, Б. Ѓуровски, М. Ѓуровски, Т. Мицевски, Бошковски. Играа уште и З. Јовановски и Серафимовски.