Македонскиот суперлигаш Бутел ја продолжи соработката со уште еден ракометар. После Мајиќ, Печенковски, Мојсоски и Ѓоргиевски, потпис на нов договор стави и младинскиот репрезентативец Марко Божиновски.

„ Знам дека следната сезона ќе имам поголема минутажа и ќе му помогнам како на Мајиќ, така и на целиот тим, за почеток да се најдеме во плеј-оф, а понатаму ќе се бориме до крај. Огромна чест ми е што ја делам мојата позиција со Мирко од кого буквално секој тренинг учам нешто ново за играта. Неговите совети многу ми помагаат, се дружиме како на терен така и во слободно време. Мирко е екстра човек и екстра играч.

Цела екипа на Бутел е склоп на одлични играчи и многу сум горд што наредната сезона повторно ќе бидат дел од тимот. Во Европа веќе нема да бидеме дебитанти и најмалку што можеме да направиме е да бидеме подобри од лани и да ги поминеме првите две кола и секако со добра ждрепка да се надеваме на пласман во групи. Тоа би било одлично за сите нас во клубот“, изјави Божиновски.