Точно на денешен ден, 20 мај 2000 година се одигра легендарното финале на Слога Југомагнат со Победа.

Среде Прилеп со неверојатно 0:6. Звучи неверојатно, невозможно – но ете се случи и тоа во срцето на Прилеп, на теренот на Победа таа 2000 година!

Пеколна горештина, полн стадион – цел Прилеп на нозе. На плоштадот се монтира бината за прослава, многу пијалок, се пече и месото… Мирисаше на спектакл и прв трофеј на Победа. Слога Југомагнат беше сервирана за „печење“. Некој дозволи финалето да се игра во Прилеп на теренот на Победа.

Тимот од „Чаир“ предводен од Ѓоре Јовановски веќе ја завери втората шампионска титула. Требаше да бисе се како што некој сакаше. Но!? Гостите во Прилеп пристигнаа од „Мрдаја“ во Дојран каде беа на неколкудневен карантин. Таму заминаа од Кратово. Неколку дена пред финалето играа со Силекс и загубија со 4:0. А беа веќе шампиони затоа што токму таа сезона беше најдобрата во историјата на Слога Југомагнат.

Пораз од Силекс, казна за поразот, карантин неколку дена, одење во „устата на лавот“… Победа беше силна исто така. Пред да се одигра финалето двата тима одиграа првенствени 1:1.

И сега да се вратиме на „газењето“, какво што сеуште немаве видено…

Веќе напоменавме, пеколна горештина! Во ложата пристигна и тогашниот претседател а сега покоен Борис Трајковски. Ангел Бунгуров означи старт на финалето! Победа како и што се очекуваше ја превзема иницијативата. Но, минутите одминуваа, инатот кај гостите се поголем и поголем. Се ближеше крајот на првиот дел. Се играше 43. минута кога почнува шоуто на „гулабите“. Нафрлена топка од десната страна до Мисердовски кој погоди за 0:1. Следеше полувреме… Победа имаше негатива но има свој терен, публика, иницијатива и надеж. Но, не е се така како што некој сака. Почнаа вторите 45 минути во кои гледавме само една екипа. Гледавме фудбалско газење, распарчување!

Арџент Беќири во 55. минута со ефектен удар од 16 метри го најави крајот на Победа и првата двојна титула на Слога Југомагнат. Истиот играч постигна уште два гола во 65. и 74. минута со што стана првиот и единствен играч во Македонија кој дал хет-трик на финален меч.

Во листата на стрелците се запишаа и Неби Мустафи и Бруно Пресилски. Предводник и капитен на силната Слога Југомагнат беше Неџмедин Мемеди а Јане Николоски единствениот прилепчанец кој славеше тоа попладне затоа што беше чувар на мрежата на чаирчани. Финале од кое поминаа 20 години и кое никогаш нема да се повтори! Штета што нема архива од головите за да сегашните генерации ја видат таа доминација на Слога Југомагнат.

Што се случи со Победа уште никој не знае!? Во тоа време се појавија теории дека примиле погрешна витаминска инфузија па играчите останале без енергија поради големата горештина. Слога Југомагнат го освои трофејот и со истиот дел од играчите заминаа на свадба кај Гого Јовчев кој претходната сезона го напушти “Чаир“ и во тоа време беше на голот на Работнички.

ПОБЕДА – СЛОГА Ј. 0:6 (0:1) Градски стадион: „Гоце Делчев„, во Прилеп. Гледачи: 8.000 Стрелци: Мисердовски 43’, Бекири 55’, 65’, 74’, Мустафи 71’, Пресилски 82’ Главен судија: Ангел Бунгуров

ПОБЕДА:Груески, Стефанов (Мегленски 79’), Ристески, Николаевски (Тодороски 60’), Лазарески, Нацев, Жилсон, Каранфиловски, Здравески, Наумоски, Диниќ (Димитриевиќ 46’).

СЛОГА Ј.: Николоски, Рамадан, Чолаковиќ, Мустафи (Бандулиев 82’), Здравевски, Абази, Мисердовски, Мемеди, МАзнов (Бајрам 76’), Бегановиќ (Пресилски 74’), Беќири.