Легендарниот фудбалер на Атлетик Билбао Ариц Адуриз планираше да ги закачи копачките на клинец после финалето од Купот на кралот, меѓутоа одлуката дојде порано по препорака на докторите. Атлетик и Сосиедад, големите баскиски ривали, треба да играат финале на Купот, за првпат во историјата, а тоа требаше да биде совршен ден за простување на 39-годишниот напаѓач. Сепак, работите се сменија, коронавирусот двапати го одложи финалето, а Адуриз реши да стави крај на кариерата.

Дојде моментот. Вчера докторот ми препорача да одам на операција, подобро утре отколку задутре, да ставам протеза наместо колк и да пробам да се соочам, колку што е можно, со нормален секојдневен живот. Моето тело рече: “Доста“. Не можам да им помогнам на соиграчите како што сакам и како што заслужуваат. Тоа е животот на професионален спортист. Не се грижете за мене. Да заборавиме на крај од соништата, затоа што ќе имаме време да се поздравиме. За мене од почетокот до крајот беше незаборавно и убаво“, напиша Адуриз.

Роден во Сан Себастијан, беше голем навивач на Сосиедад, а заминува како легенда на Атлетик Билбао. Идол е на многумина, а беше фантастичен напаѓач. Тој е и најстариот шпански стрелец, а голот го даде против Македонија во ноември 2016 година. Тогаш имаше 35 години и 275 дена.