Мексиканската фудбалска лига соопшти дека екипата на Сантос Лагуна сериозно е погодена од новиот коронавирус. Дури осум фудбалери на оваа екипа се заразени со вирусот, меѓутоа сите се во добра состојба и под лекарски надзор. Нивниот идентитет се чува во тајност.

Локалните медиуми пишуваат дека голманот на оваа екипа Жонатан Ороско прославил роденден на 12 мај со тоа што ги прекршил мерките за изолација. Тој приредил забава со караоке на која имало гости. На снимката се гледа како тој пее во придружба на двајца музичари, а на забавата имало негови соиграчи, пријатели и роднини. Се претпоставува дека таму се заразиле осумте фудбалери.

Лигата поради пандемијата е прекината на 15 март, а се уште нема датум за продолжување. Во април претставник на Управниот одбор соопшти дека во првата и втората лига во наредните пет сезони нема да има испаѓање ниту промоција во повисок ранг. Поради коронавирусот Втората лига е откажана и не е прогласен шампион.

Во Мексико до денеска има 55.000 заразени со коронавирусот, а починати се преку 5.600 луѓе.